Илинденското востание е востание
против Отоманската империја организирано од страна на TМOРО и претставува еден
од најголемите и најзначајните настани од македонската историја.
По подготовките за востание против Отоманската империја, на 2 август 1903 год.
на православниот верски празник Св. Илија - Илинден започна Востанието. Ова
востание е познато како Илинденско, според денот на започнување.
Две недели по почетокот на востанието во Македонија, и во Одринско се крева
востание, наречено Преображенско.
Почетокот и
текот на востанието
Денот на востанието бил апсолутна тајна за турската власт. Ниеден од прогласите
што биле растурени од страна на многубројните курири по селата не паднал во
рацете на власта. Тоа било од големо значење за почетните успеси на востанието,
бидејќи на денот на востанието во сите востанички области се наоѓале само
15.000 турски војници, расфрлени по малите гарнизони на простор од десетина
илјади квадратни километри. Согласно со планот, во текот на приквечерината на
Илинден биле урнати телеграфските столбови и мостовите на важните патишта, биле
запалени беговскиоте кули, бил извршен напад на касарните во некои села и
градови, а селата очистени од разбојници.
На денот на востанието 2 август, уште во утрините, селските маси - жени и деца
се упатиле кон логорите во планините каде била сместена храна за востаниците и
населението. Таму биле отворени лебарници, кујни, работилници за поправка на
оружјето и за изработка на мунуција, а биле формирани и санитетски центри. Во
тие први денови, востаничките акции се изразувале и во напади на нахиски центри
(неколку села во една голема општина) на паланки и на помали градови. Така во
ноќта наспроти Илинден, 150 востаника го нападнале и разбиле турскиот гарнизон
од 100 војници во Смилево и цели десет дена биле полновласни господари на
селото.
Истото го сториле и 600 востаници во Клисура, во Костурската околија, држејќи
го градот во свои раце 15 дена од 2 до 17 август. На Мудурницата (централна
општинска управа) во Прибилци, Демирхисарско 200 востаници го нападнале
турскиот гарнизон од 150 војника. 500 востаници се обиделе да го заземат градот
Кичево, но не успеале во тоа па се повлекле во с. Карабуница до Кичево, каде
стапиле во борба со 1.000 турски војници и со башибозук во која биле убиени
стотина Турци, меѓу кои и водачот на башибозукот Сефер Ага. Во Ресенската
околија се напaднати нахиските центри: П'пле и Наколец, во Охридската -
Издеглавје, Сирула и други. Во Леринската - Соравич, Врбени и други.
Подоцна на 2 септември, соединтите востанички одреди од Леринско и Костурско го
зазеле градчето Невеска по поголеми борби со месниот гарнизон, кој броел од 300
до 400 војници. Најкрупна востаничка акција и најголем успех за востаниците е
ослободувањето на градот Крушево и формирањето на првата привремена Македонска
Република во овој планински град. За таа крупна револуционерна акција
населението од Крушево и Крушевско било подготвено од револуционерните
раководители на овој крај, познатите македонски револуционери - социјалисти
Никола Карев и Веле Марков. Во изработка на планот за заземање на Крушево
непосредно учествувал и револуционерот - бившиот офицер Тодор Христов кој
предходно влегол во градот и ги скицирал објектите за напади: касарната,
конакот, беледијата (општината), поштата и другите владини и државни установи,
како и поважните пунктови во градот.
Во осум воени групи биле распоредени 750 вооружени востаници под команда на
добро подготвени началници - војводи. Секоја група имала точно определена
задача: една да ги заземе установите, друга да ги држи најважните пунктови во
градот и околината, а трета да служи како резерва на Штабот и т.н. Пред почетокот
на нападот Штабот на Крушевските востаници на чело со Никола Карев, испратил
Окружно до раководителите на Крушевскиот околиски револуционерен комитет и до
началниците на грчките, влашките и албанските бојни групи, кои се известуваат
за востанието и се повикуваат на борба.
("Гориме од нестрпливост - се вели во Окружното - и одвај чекаме да падне
ноќта и да го преземеме Крушево, та заедно со сиот народ да го викнеме нашето
Македонско УРА!") Истовремено Штабот наредил, штом пукне првата пушка да
заѕвонат ѕвоната од сите цркви во градот. По тие претходни подготовки, во текот
на ноќта започнале воставичките акции. Истовремено биле нападнати сите државни
установи.
Првата пушка пукнала кај касарната. Ѕвоната од црквите заѕвонеле. Исплашените
турски стражари ги буделе војниците со викови: "Калкан'з, Москов
гелди" ("Станувајте Московецот дојде"). Започнала борбата помеѓу
востаниците и војниците што биле околу 60 на број. 43 војници биле убиени уште
во почетокот на борбата, а 17 заедно со началникот успеале да побегнат. Од
востаниците загинале 7, а 5 биле ранети. При слаб отпор на жандармеријата,
заземен е и конакот.
Без отпор се заземени беледијата и поштата. На опколените војници им притекле во
помош војници и башибузуци од прилепските села, но и тие биле разбиени и
уништени од востаничките одреди кои ги држеле позициите околу градот. За кратко
време, на 3 август, Крушево било ослободено и се наоѓало потполно во рацете на
востаниците. На 4 август во градот влегува Штабот на Крушевските востаници
свечено дочекан од народот.
При овој дочек, началникот на Штабот, Никола Карев одржал пред ослободените
граѓани револуционерен говор, прогласувајќи ја првата Македонска Народна
Република и повикувајќи го народот да избере привремена републиканска влада.
Таа влада била формирана со учество на сите народносни групи во градот:
Македонци, Власи, Албанци. Во привремената влада биле застапени следните
ресори: внатрешен ред - Глигор Д. Божинов (Македонец); исхрана - Тома Марков
(Македонец), Алекси Колев, Ташко Вангелов (Гркомани) и Никола Бујаров
(Албанец);.
Претседател на владата бил Вангел Дину (Влав). За претседател на Републиката
бил избран началникот на Штабот на Крушевските вооружени сили Никола Карев. Биле
организирани и специјални служби за вооружување на населението и утврдување на
градот со длабоки ровови, маскирани со зеленило. Биле отворени работилници за
производство и поправка на оружјето за изработка на муниции и други бојни
материјали. Мајсторите од соседното село Селце изградиле и црешов топ, но тој
се распаднал уште при првото пукање.
Бил изработен друг топ, без грешки, но останал неискористен и подоцна паднал во
рацете на Турците, кои го однеле како трофеј во Цариград, во воениот музеј.
Привремената републиканска влада и Штабот веднаш пристапиле кон мобилизација на
машкото население и ја зголемиле востаничката војска со уште 1.200 луѓе.
Фамилиите на побегнатите турски чиновници биле земени под заштита на Штабот.
Издадена е строга наредба до сите востанички единици да не го обеспокојуваат
мирното турско население и да не посегнуваат на неговите имоти. Кон турското
население во Крушевската околија е упатена прокламација на Македонски јазик во
која помеѓу другото, се вели:
"Елате, браќа муслимани, при нас да тргнеме против нашите и вашите
душмани! Како Турци, Албанци и Муслимани знаеме дека си мислите оти царството е
ваше и оти вие не сте робје штом на царското знаме нема крст, а има месечина.
Оти не е така и оти грешите вие брзо ќе се сетите. Ние сами ќе се бориме и за
нас и за вас и ако е потребно до еден ќе умреме под знамето на нашата и ваша
слобода. Ако пак вие не имате како ваши браќа . . . можеме да ви спомнеме само
едно нешто: да не се заортачите со душманите, да не дојдете со пушка против нас
и да не правите зулуми".
Ниеден акт од поновата Македонска историја до излегувањето на овој не ги
пречекорил националните рамки како што тоа го направи овој Крушевски манифест.
Задушување
на востанието
Првата задача на веќе консолидираниот непријател била да си го поврати Крушево.
Тоа им успева со армијата од 18.000 луѓе, под команда на Бахтијар - паша. Дел
од заштитениците на Крушево, предводени од прославениот војвода Питу Гули,
изгинале херојски во нерамна борба кај Мечкин Камен, а другите востаници се
повлекле во планините. Турската војска со артилерија ги урнала утврдувањата
подигнати од востаниците и со топови го бомбардирала градот. Во екот на борбите
по наредба на Штабот, околу 15.000 население, го напушта градот и се крие во
блиските планини. Во запалените и урнати куќи загиниваат 20 жени и 6 деца
бидејќи не успеале да побегнат од градот. На незапалените куќи, на 13 август
биле истакнати бели знамиња, симболизирајќи го крајот на 12 дневната Крушевска
Република. Борбата била завршена. Изгорени биле 159 куќи. Загинале 100 турски
војници и 91 востаник.
И во другите делови на Македонија се воделе жестоки битки. Една од најжестоките
и најкрвави борби во Пиринска Македонија се одиграла на 1 септември 1903 година
кај селото Пирин. Во таа борба учествувале 500 востаници под команда на Јане
Сандански. Во текот на борбата паднале 7 востаници, а 80 Турци биле убиени или
ранети. Јане Сандански води и втора голема битка кај Обротиште, Свети Тројца,
на 13 септемри загинуваат 2 востаници, а Турци можеби повеќе од 80. Исто така
биле извршени и повеќе атентати, на пример кај железничкиот мост на Вардар, кај
Гевгелија, на железничката линија кај Демир Капија, Гуменџе, Смоквица и на
други места на пругата Солун - Скопје и Солун - Битола.
Освен тоа, четите на Солунскиот Револуционерен Округ имале големи борби со
турската војска кај ,,Баш-Бунар", Гандача, на Пајак Планина, и кај селата
Постолар и Аматово - кукушка околија.
Во Скопскиот Револуционерен Округ четата на Никола Пушкаров на 1 август
извршила диверзија на железничката пруга кај с. Новачани, каде биле исфрлени од
пругата 32 вагони на еден воз. Во Охридската околија, во месноста Рашанец,
планинска долина помеѓу селата Куратица, Речица, Свињишта, Олејница и Сирула.
Тука бил еден од најглавните логори на востаниците со 1.700 мажи, жени и деца.
На 13 август логорот бил опколен со 10.000 турски војници со артилерија и
товари петролеј за палење на шумата во близина на логорот. По десетчасовна борба,
востаниците биле разбиени. 32 биле убиени, а другите стотина ја пробиле
опсадата и се спасиле во планините. Во овој логор се убиени 158 ненаоружани
мажи, жени и деца. Други големи битки во Охридската околија се водени во
селата: Сирула, Оздољани, Сошани, Издеглавје, Лешани, Локтиње, Слатино,
Врбјани, Ботун, Брежани, Ташмаруништа и Вевчани.
Во Битолскиот вилает каде завршило востанието, се воделе 150 борби со 19.152
востаници против 292.735 противници. Убиени или ранети се 746 востаници, а
3.087 убиени или ранети Турци. Биле запалени 122 села со 8.646 куќи. Без покрив
останале 51.606 жители, а бројот на убиени или заклани е 1.779 души. Во
Солунскиот вилает во кој спаѓаат Солунскиот и Серскиот Револуционерен Округ, од
2 август до 8 септември 1903 години дошло до 32 борби во кој паднале 109
востаници, додека во Скопскиот Р.О. во неколку борби од 14 август до 14 ноември
1903 г. паднале 93 четника.
Во сите три вилаети во текот на востанието паднале 949 востаници во 197 борби.
Во текот на востанието од 2 август до 23 ноември биле извршени 14 динамитни
атентати, а во текот на 1903 година - 21. Општа пропорција на противничките
сили што се бореле е: 1 востаник против 15 Турци, а особено во Кичевската
околија, 1:25, во Охридската 1:22, во Битолската 1:15, во Леринската 1:13, во
Костурската 1:7.
Одгласот на
востанието
Илинденското востание претставувало непријатно изненадување не само за турската
држава, туку и за многу други големи и мали држави во Европа, кои полагале
право врз наследството на Османлиската империја. За Австро-Унгарија и царска
Русија, на пример, тоа претставувало тешко искушение, бидејќи го рушело
постојниот статус-кво на Балканот, за што особено се залагале двете големи сили
при неможноста сами да ги реализираат своите аспирации врз Османската империја.
Нивната цел била - со строго дозирани подобрувања во Македонија да се сочуваат
секакви радикални решенија што би ги прејудицирале нивните намери.
За таа цел, во февруари 1903 година пред востанието, тие веќе изнудиле извесни
анемични реформи од Османската империја. Другите европски сили биле не помалку
заинтересирани за положбата во Македонија, односно во Османската империја, но и
нивната дипломатија, со исклучок на повремени сондажни предлози, се држела
настрана очекувајќи иницијативи од заинтересираните Австро-Унгарија и Русија,
кои ќе ја смират положбата во Македонија.
За тоа да не се менува положбата на Балканот биле заинтересирани и малите
балкански држави, кои аспирирале врз Македонија. Затоа ни тие не биле
расположени за успех на востанието. За нив, позитивните резултати на
ослободителната револуција во Македонија практично значеле пресекување на
нивните територијални аспирации врз последната, а тоа значело пресекување и на
илузиите за господство на Балканот.
Тоа го определувало и нивниот негативен однос спрема Илинденското востание.
Прогресивната светска јавност се однесувала со искрени симпатии спрема борбата
на македонскиот народ. Европскиот и светскиот печат бил преполн со вести за
ситуацијата во Македонија, за крвавите репресалии на казнените експедиции на
турската војска и.т.н.
Насекаде се дигнал бран од протести во полза на македонскиот народ. Под
раководството на истакнати личности од областа на културата, уметноста и
политичкиот живот, како Лав Толстој, Максим Горки, Анатол Франс, Жан Жорес,
Виктор Берар, Франс де Пресанс, Артур Еванс, Хенри Брејлсфорд и други, се
создало цело движење за помош на македонскиот народ.
Во Англија, Франција, Италија и САД се создале "македонски комитети",
кои станале организатори на импозантни митинзи. На пример, само во Англија биле
одржани околу 200. Митинзи во полза на македонскиот народ биле одржани во Париз
и Рим. Оваа хумана акција ги зафатила и јужнословенските народи. Во Љубљана,
Загреб, Белград, Софија, прогресивните општествени сили и прогресивната младина
се дигнале во заштита на Македонскиот народ и во прибирање помош за
настраданото население.
Причини за неуспехот на востанието
Поглавни причини за поразот на Илинденското Востание се следните:
Востанието не било доволно подготвено и не ги опфатило сите револуционерни реони,
па имало изразито нерамномерен интензитет.
Неговата масовност била претежно селска, без активно учевство на градските маси
од востаничките области.
Раководството на востанието не го искористило почетниот успех, туку применувала
пасивна тактика - задржување на масите во очекување Бугарија да отпочне војна
против Турција.
Востаниците биле без достапна или сосема елементарна воена обука и слабо
вооружани за разлика од огромните Турски сили кои располагале со модерно
вооружување.
Поразот на Илинденското востание треба да се постави и врз светлината на фактот
дека македонскиот народ во таа тешка и нерамна положба бил оставен сам на себе,
без секаква поддршка од страна. Дури може да се рече дека не наишол ни на
поголема морална поткрепа од страна на социјалистичките и демократските движења
во Балканските земји.
Со оглед на тие причини, она што се постигнало во текот на востанието и особено
во чинот на Крушевската Република, значело многу. Тоа било врвен израз на
волјата на македонскиот народ за слободно и самостојно национално постоење.
